Золива Лтд.

Вие сте тука: Почетна » Вести » Маслинката - кралица на дрвата
Среда, 12 Дек 2018

Маслинката - кралица на дрвата

Е-пошта

За маслинката се зборувало низ сите епохи. За нејзините лековити и хранливи својства нема споредба во ниеден друг плод. Сега маслинките се одгледуваат и кај нас.

Maslinovo Drvo

Во Гевгелиско, Дојранско, Валандовско одгледувањето маслинки може да стане дејност со големо значење. Маслинките од нашите дрва стигнаа на трпезите. Пробајте најдете ги. Маслинката постои практично отсекогаш, повеќе илјади години таа се култивира и заедно со виното била главна стока за размена низ историјата. За нејзините својства има многу приказни и легенди раскажани низ вековите. Маслиновото масло е тренд што забрзано се шири низ светот.



Приказната, легендата за маслинката како некрунисаната кралица на дрвата е приближно ваква: дрвата на земјата и понудиле на маслинката како најстара да биде нивна кралица, но маслинката таа понуда ја одбила, зашто сметала дека со време, како и секој владетел, ќе се вообрази и таква не би им служела на луѓето, што е нејзината најважна работа.

Маслинката е и дел од Библијата. Според неа, кога Господ решил да им ги прости гревовите на луѓето, му испратил на Ное бела гулабица, која во клунот држела маслиново гранче. Оттогаш тоа е најсилниот симбол

 

на мирот и помирувањето. Во Библијата маслинката се споменува повеќе од илјада пати. Мојсие ги ослободувал од војување сите мажи што одгледувале маслинки. Кога Исус влегувал во Ерусалим, народот го поздравувал со маслинови гранчиња, додека крстот на кој бил распнат бил направен од маслиново и кедрово дрво.

Една друга приказна, пак, покажува колку била во ред одлуката маслинката да не се прогласи за кралица на дрвата. Од старогрчката митологија е познато дека богот на морето Посејдон и божицата на мудроста Атена се скарале за тоа чие име ќе го носи главниот град во тоа време. Зевс, како врховен бог што бил склон да дава задачи, за луѓето и за боговите од Олимп, решил дека победник во овој натпревар ќе биде оној што на луѓето ќе им дари покорисна работа. Богот на морето им дарил извор, но на солена вода, а божицата на мудроста Атена забила едно копје во земјата, а од тоа никнала маслинката. Атена, нормално, победила. Ден-денес на Акропол постои маслиново дрво за кое се смета дека е тоа, од копјето на Атена.


Но тоа се само мал дел од приказните и митовите за маслинката. Попознато е дека Херкул имал токмак од маслиново дрво, а Одисеј со маслинов колец го ослепел киклопот. Познато е дека на победниците на Олимписките игри во антиката, наместо денешните медали, им биле доделувани маслинови круни, а најдобрите добивале ќупови со маслиново масло.

Маслинката е позната и во староегипетската култура, каде што била сликана во пирамидите и гробниците како хиероглиф. Римјаните верувале дека маслинката е „првото дрво“, а во модерно време таа е инспирација за многу сликари, музичари, вајари и писатели.


Маслинката можеби го загубила значењето на симбол на мирот, но затоа, пак, таа денес е комерцијална суровина на високо ниво. Маслинката со време постојано добива нови димензии, а сознанијата за нејзините лековити својства постојано се потврдуваат. Дури и во домени каде што досега фармацијата била немоќна.

Превземено од Нова Македонија...